Божиќно послание – Митрополит Петар

† ПЕТАР

ПО МИЛОСТА БОЖЈА, МИТРОПОЛИТ ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКИ

И АДМИНИСТРАТОР АВСТРАЛИСКИ И НОВОЗЕЛАНДСКИ,

НА СЕТО СВЕШТЕНСТВО, ПРЕПОДОБНО МОНАШТВО

И ВЕРНИТЕ ЧЕДА ВО ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКАТА

И АВСТРАЛИСКО-НОВОЗЕЛАНДСКАТА ЕПАРХИЈА,

ИМ ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ,

ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО РАДОСНИОТ ПОЗДРАВ

ХРИСТОС СЕ РОДИ!

„Христос се раѓа, славете Го;

Христос доаѓа од небесата,

пресретнете го…“.

(Катавасија на Божик-Ирмос)

Мили наши духовни чеда!

Јавувањето во светот на Бога во тело, односно, Раѓањето во тело на Христа, Спасителот наш, Св. ап. Павле го нарекува „Велика тајна на благочестието!“. Воплотувањето на Синот Божји и соединувањето во Исуса Христа на двете природи – Божјата и човечката е основата на нашата вера. Оваа тајна по својата суштина е недостижна за умот. Но, како цел на доаѓањето во светот на Спасителот – Богочовекот таа ни е откриена во Светото Писмо. Имено, кога се исполнило времето „Бог го дал Својот Син Единороден… за да биде спасен светот преку Него… за секој што ќе поверува во Него да не погине, но да има живот вечен“, така е кажано за тоа во Светото Евангелие (Јн. 3: 16-17).

Бог Отецот го испраќа Синот Свој Единороден на Земјата да прими тело човечко, и да ја возроди, од грев остарената, човечка природа, и да го обнови образот (ликот) Божји, помрачен од човечките беззаконија. О, каква длабочина на премудроста, правдата и љубовта Божја кон човекот.

Браќа и сестри во Христа Богомладенецот!

Божик е празник на семејството. На Божик Централното место Му припаѓа на новородениот Богомладенец. Околу Него се Неговата Света Мајка, праведниот Јосиф – заштитникот на Света Богородица; пастирите, прости, но со чисти срца луѓе, а кон пештерата, односно кон Богомладенецот, итаат и најучените – мудреците од Исток, да Му се поклонат и да Го даруваат: со злато, ливан и смирна; дарови што ја претставуваат Неговата царска, пророчка и пастирска служба. Како Цар над царевите, Цар над оние што царуваат и Господ над оние што господарат, како Пастир над пастирите, Кој за себе рекол: „Јас сум добриот Пастир, Кој си ја полага душата своја за овците свои“ и како Пророк над пророците, односно исполнение на сето она што, за Него, го пророкувале пророците.

Кон Божикната радост, што ја чувствувале земните созданија, се присоединиле и небесните – ангелите кои пееле: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!“.

Браќа и сестри! Нашата Света Црква еве и нас нè повикува да земеме учество во оваа неизмерна радост: „Дојдете, верни, да видиме каде се роди Христос; да го следиме патот по кој врвеше ѕвездата со мудреците, источните цареви. Таму ангелите го воспеваат непрестајно, пастирите свират песна достојна велејќи: Слава на висините, на Оној што денес се роди во пештера од Дева и Богородица, во Витлеем Јудејски“ (Седален на утрена на Божик).

„… Денес Витлеем Го прима Оној, што вечно со Отецот седи; денес ангелите достојно Го слават роденото мало Дете“. Светата Црква, пак, нè повикува: „Христос се раѓа, славете Го, пејте му на Господа цела Земјо и весело пофалете Го луѓе, зашто се прослави“ (Ирмос на Утрената на Канонот на Божик).

Возљубени празникољупци!

Радоста на Светото Семејство нè потсетува на радоста што треба да ја почувствува секое семејство, кога на овој свет доаѓа нов човек. Создателот на светот и човекот, Троичниот Бог: Отецот и Синот и Светиот Дух, го создал човекот по Негов лик и подобие и им рекол: „Раѓајте се и множете се и наполнете ја земјата и владејте со неа“. За да биде радоста посеопфатна и полна посакал да се умножи родот човечки.

Нашите прародители ја прекршиле единствената Божја заповед, да не јадат од забранетиот плод, а последиците од прекршувањето на оваа заповед ги почувствувале Адам и Ева со изречените казни, но, и со братоубиството Каиново.

Бог, по првородниот грев, на мажот и жената им дал страст за продолжување на човечкиот род преку раѓање на деца, но, луѓето ја злоупотребиле природната страст за продолжување на родот во телесни уживања и наслади, па оттаму се гревовите: блуд, прељуба, родосквернавење, хомосексуалност, лезбејство, педофилија, онанија, содомија итн. И така, злоупотребувајќи ги своите полови енергии и не само оние кои не се во брак, но и брачни другари, кои не се во благословени црковни бракови, односно се во блудно сожителство, туку, за жал, дури и некои што се во благословен црковен брак, станале послушници на нечестивиот, прекршувајќи ја оваа света Божја заповед.

Лукавиот, ги измамува луѓето на многу начини; да ја прекршат оваа заповед. Имено, на едни им вели да го планираат семејството, а тоа значи да извршуваат чедоубиство – абортуси; на други да употребуваат контрацептивни и др. средства за спречување на бременоста. На некои, пак, дури и со хируршки зафати да го спречат раѓањето на деца, заради кариера, слободен и удобен живот, за подоцна, пак, кога ќе дојде до израз мајчинството, да се самоубијат.

Селукавиот на престапниците секогаш им нуди оправдување за престапничките дела, па наместо тие да се покајат и да ги исповедаат погоре споменатите, а и сите направени гревови, тие наоѓаат задоволство во оправдувањето и префрлувањето на вината за своите гревови врз другите, исто како што Адам, правдајќи се за првородниот грев, ја фрлил вината на Ева, и на Господа што му ја дал жената, а Ева, пак, на змијата – сатаната. Па така, денеска ќе слушнеме оправдувања и за најгрозоморното убиство, абортусот, дека тоа е дозволено со закон, се разбира, државен.

Некои, пак, се оправдуваат дека немале услови и средства за живот, иако денес на мајката со три и повеќе деца ѝ се обезбедува, без работа, пристојна пензија. Оние, пак, што тој грев го прават вонбрачно, чедоубиството го оправдуваат поради срам на семејството итн. Ако погледнеме реално, никој од посочените престапници не може да се оправда, зашто сведоци сме дека денес на најголемите пороци им подлегнуваат децата на некои од најбогатите, но, не се поштедени и деца на сиромасите и од средната класа. Од овие пороци се обземени и некои од врвните ѕвезди на естрадата, а за жал на многу млади тие им се идоли.

Очигледно е дека денес имаме две, а можеби и повеќе категории на идни мајки: едни кои се против раѓањето на деца, поради телесни уживања, удобност, конфор, кариера и богатство. Токму поради тоа тие бегаат од одговорноста да раѓаат и воспитуваат деца. Втората категорија се оние идни мајки кои сакаат да раѓаат деца, а некои од нив дури и страдаат затоа што немаат деца, од здравствени или други причини, или, пак, по Божја промисла, за да ја испросат милоста Божја, како што тоа се случило со Сара, мајката на Исак, Ана, мајката Самуилова, Елисавета, мајката на св. Јован Претеча, Ана, мајката на Света Богородица итн.

Христољубиви духовни чеда!

Откако констатиравме во каква состојба се наоѓа денешното современо православно семејство во Татковината и Црквата, ништо друго не преостанува освен да разбереме дека Господ преку Светото Писмо и Светото Предание нè поучува какво треба да биде семејството, односно, каков треба да биде односот на членовите во семејството.

Св. ап. Павле вели: „Жени, покорувајте им се на своите мажи, како на Господа“. А на мажите: „Мажи, сакајте ги своите жени и не срдете се на нив“. На децата, пак, им вели: „Деца, слушајте ги своите родители во сè, зашто ова му е угодно на Господа“. Вие, пак: „Татковци, не раздразнувајте ги децата ваши, за да не клонат со духот“ (Кол. 3: 18-21).

Мажот е глава на семејството, кое всушност е, односно, треба да биде мала, семејна Црква. Во која има, односно, треба да има, домашен иконостас (Божница), кандило, Свето Писмо и Молитвеник, каде пред домашниот иконостас семејството ќе принесува на Бога, вечерни и утрински молитви и ќе чита делови од Светото Писмо.

Мажот и жената во сè, а особено во раѓањето на децата се Божји соработници. Тие наполно се еднакви во учеството во Царството Божјо и наследници на вечниот живот. Но, меѓу нив, не се губи онаа разлика што е одредена со нивната природа, потеклото и вината во гревот. Жената е создадена како помошничка на мажот и од мажот (од неговото ребро), а не е мажот (создаден) заради жената, иако се раѓа „од жената“.

Жената е еднаква на мажот во практичен поглед. Таа е негова помошничка, а глава на жената и на семејството е мажот и тие зависат од него.

Главната мисија на жената е мајчинството, зашто е речено: „Жената ќе се спаси со раѓање на деца“ (1 Тим. 2: 12-14).

Првобитната цел на бракот е непрестаен ôд кон полнотата на љубовта, која е во Бога. Таква полнота можат да остварат и оние брачни другари (маж и жена), кои немаат деца. Меѓутоа, имањето деца во христијанскиот брак додава уште еден елемент: татковство и мајчинство, што претставува прелевање на љубовта на две личности за да ги прегрнат новите суштества – децата – за кои сопружниците се подготвени да жртвуваат сè. На тој начин, човекот на повисок степен успева да се надмине самиот себе и да се предаде во потполност кон љубовта на другиот (1 Кор. 11: 8-12; Еф. 5: 20-21), да се подготви за онаа полнота на љубовта со која е повикан да живее во вечноста.

Таа света цел на бракот, надминување на себеси и остварување на љубовта, која започнува тука, во брачната љубов кај сопружниците, а се остварува во Царството Небесно, целосно ја гледаме во црковниот обред на светото веначание, кој е полн со символики: разменување на прстени, што ја символизираат взаемноста и меѓусебната зависност, заедничката чаша – путирот – што означува целосно заедништво – причесната; венците, символ на венците во Царството Небесно, за истрајност во верата; маченичко страдање за верата, како што страдале светите маченици и да им ги прими (Бог) венците, како на мачениците во Царството Небесно и да ги сочува неизвалкани и непорочни.

Возљубени чеда во Господа!

Христос, нашиот вистински Бог, кој се роди во пештера и легна во јасли, да му помогне на секој од нас поединечно, и на секое семејство заедно да го поминеме својот животен пат во радост во верата наша православна, во соединување со Господа и неговата Света Црква, приопштувајќи се со Светите Христови Тајни, со непоколеблива надеж, дека по љубовта и милосрдието Божјо ќе го достигнеме вечното спасение и ќе бидеме удостоени со тие неизречени богатства што (ни) ги приготвил Бог за сите што Го љубат (1 Кор. 2: 9).

Нека е благословено Новото 2012 лето Господово. Благодат и мир вам од нашиот Бог Отец и од Господ наш Исус Христос (Гал. 1: 3). Амин.

Христос се роди!

Митрополит Преспанско-пелагониски

и Администратор Австралиски и Новозеландски

Битола

Божик 2011/2012