Во името на Отецот и Синот и Св.Дух. Амин
На разделбата со старата и на прагот на Новата година никој од нас, драги браќа и сестри, не треба да пропушти, а да не се запраша: Како му поминала старата година?
Св.Писмо ни кажува дека постои Божја книга на животот. Книга на вистината во која се пишуваат делата на сите луѓе кои живеат на земјава (слично на магнетофонска лента), во таа книга е забележано се што во минатата година сме мислеле, зборувале и работеле. Забележано е со раката на Оној кој што се гледа и се знае – Господ Бог. Затоа на денешен ден секој христијанин треба добро да поразмисли и да го анализита својот живот како го поминал во минатата година.
Минатото доаѓа по нас, ја следи нашата иднина како што сенката го следи нашето тело. Најдобар начин за да се сочуваме од лошото е тоа, да во иднина избегнуваме се она што би не навело на лошо.
Секој паметен и совесен човек пред да навлезе во Новата година самиот да се погледа и да се запраша: Што сум сега? Што сум бил? и Каков треба да бидам?.
Кој во старата година бил добар, во Новата година нека биде уште подобар. Па дури и само за една педа да биде поблиску до Бога. Да побрзаме, да не задоцниме што побрзо да постанеме вистински деца на нашиот Отец небесен. Зашто никој не го знае денот ни часот кога ќе се преполно животната чаша. Блазе на оние, кои во старата година од чисти дела си направиле бела облека за деновите во Новата година.
Земниот живот започнува и завршува измерен во време. А зад него се крие вечноста. Да не им се лутиме на оние години што поминале, тие биле такви какви што сме биле ние. Лошото и доброто во нив било лошо и добро за сите нас. На разделбата на старата година ни дава длабока поука, што треба да правиме, а што да избегнуваме.
Новата година која ја очекуваме се надеваме дека во неа нема да ги повториме старите гревови. Да се покаеме, да се поправиме и очистиме. И ако не се преобразиме старата година ќе го продолжи својот живот и во Новата година.
Св.Тихон Зидонски дал убаво објаснување за Новата година нарекувајќи ја: „ Празник на покајание….“. Покајте се!
На вратата од нашата душа и од нашео срце на Новата година невидливо стои Господ Бог кој чука и ни вели:„Ова е време пријатно, овој ден е ден за спасение, измирете се со покајание за да бидете чисти“. Преку верата во Христа да се очистиме и да се препородиме не само во Новата година, туку во секој ден, во секој час и во секоја минута од нашиот живот.
Христос стои невидливо пред вратата на нашето срце нудејќи ни мир и вечно спасение. Да поведиме борба со гревот.
Зошто страдаме? Зошто сме несреќни? со еден збор зошто сме нелуѓе, причина е гревот.
Св.Евангелие ни дава поуки како да се спасиме.
Да престаниме да грешиме, да престанеме да навредуваме, да престанеме да зборуваме лошо за нашите ближни: роднини, пријатели и познати, на улицата, преку телефони и на работното место.
Нашиот живот е како една неизлечлива рана, се дотогаш додека не го употребиме најефикасниот лек, а тоа е Св.Евангелие и Св. Тајна Покајание.
Во овој живот сееме, а во другиот ќе жнееме. Да внимаваме што сееме.
Благослови не Господи да во Новата година постанеме нови луѓе, подобри и побоголики.
Нема право братољубие без искренот богољубие.
Мирот, добрата воља, правдата и љубовта да завладејат меѓу нас и помеѓу сите луѓе во светот. Помеѓу сите народи кои неоправдано се поделиле и се изопачиле, односно се одалечиле од братољубието, а тоа е последица на недоволното богољубие.
Благослови не Господе нас, нашите домови, нашите чеда и нашите роднини. Дај ни мир и спокојство, среќа и радост. Зашто секој добар дар доаѓа од Тебе Отецот на светлината.
Благослови го Господи нашиот народ да ја зачува православната вера.
Нека душата од секој нас биде озарена со благодатта на нашиот Господ Исус Христос да би се во неа населил мирот и љубовта Негова, да царува во нашиот живот доброто и вистината за слава на Бога и наше спасение и спасение на целиот свет.
Господи, поврати ги сите што отстапиле од православната вера, од твојата вистина и помогни им да ја познаат правата вера. Присоедини ги при тојата православна црета Црква.
Во оваа година запази ја нашата татковина, нашиот град и сиот твој свет од глад, помор, земјотреси, од потоп, глад, оган, меч, од напади на туѓинци, од војни, од смртоносни болести и рани, несреќи и таги.
Дарувај ни здравје и успех во секое добро.
Испрати ни дождови навреме, рани и доцни, умерени и благотворни ветрови, животворна сончева топлина и земни плодови во изобилие.
Боже излекувај ги болните, паднатите дигни ги. Помогни им на оние што се трудат, вразуми ги неразумите и закрилувај ги сираците и вдовиците.
Господи удостине секогаш да ти благодариме и да Те воспеваме, Тебе беспочетниот Отец, си твојот Единороден Син, со пресветиот и благиот и животворен Твој Дух, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.